
На последниот ден од конкурсот за пријавување за реонски попишувачи и инструктори за реон 16 – општините Штип и Карбинци, претседателката на комисијата, Соња Китанова, истакна дека може да се каже дека има доволно пријавени кандидати, но неизвесна е ситуацијата, бидејќи не се знае дали сите ќе се појават на тестирање и колку од нив ќе положат. Заради тоа и за време на тестирањето конкурсот ќе биде објавен и во наредната недела дена.
„За општините Штип и Карбинци е исполнет бројот. Меѓутоа, и по укажување на Државниот завод за статистика, ние мора да имаме во резерва барем 10% од вкупниот број, а тоа е од 129 попишувачи и 13 инструктори, треба да имаме околу 20 луѓе во резерва. Што значи дека, и по укажување на Државниот завод за статистика, конкурсот ќе остане отворен уште една недела. Доколку од кандидатите кои се пријавени, некој нема да го помине тестирањето и имаме помал број на кандидати од потребните заедно со тие 10% од резервата, ќе можат да се пријават и во наредната недела“, посочи Китанова.
Во меѓувреме на 19 август започнува тестирањето во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип.
„Тестирањето на пријавените кандидати за инструктори и попишувачи ќе се одржи на 19 и 20 август, тоа е овие четврток и петок во просториите на ООУ „Ванчо Прќе“. Списоците со пријавените кандидати, како и датумот и часот на тестирање, ќе бидат објавени на 18 август (среда) на огласната табла и на веб – станицата на Општина Штип. Сите пријавени кандидати кои не ги испратиле потребните документи до Државниот завод за статистика, истите да ги понесат со себе на денот на тестирањето. Одлуката за избор на инструктори и попишувачи ќе биде објавена ан 23 август (понеделник), на огласната табла на Општина Штип, на веб – страната на Општина ШТип и на веб – страната на ДЗС“, додаде Китанова.
Обуките за реонски инструктори ќе се реализираат три дена, од 24 до 26 август, во големата сала на Општина Штип, а обуките за реонските попишувачи ќе се одржат од 28 до 31 август. Бројот на пријавени кандидати за реонски инструктори и попишувачи е речиси идентичен како и претходниот пат, односно без малку има пријавени 200 кандидати. Пописот ќе се спроведе од 5 до 30 септември годинава.
Лаура Стојанова МНет