
Прволигашот Брера Струмица натпреварите од новата сезона 2024/2025 ќе ги игра на стадионот „Благој Истатов“, откако клубот го пријави овој стадион за одигрување на домашните натпревари во Првата лига. Како алтернативна опција е СЦ „Пандев“, кој е веднаш до стадионот „Благој Истатов“.
Минатата сезона Брера дел од натпреварите ги одигра на СЦ „Пандев“ во Струмица, а дел на стадионот „Кукуш“ во Турново, а сега се враќа на стадионот „Благој Истатов“ каде што игра и второлигашот Беласица.
Струмичани ќе имаат можност за следат одново прволигашки фудбал во својот град, без притоа да мора да патуваат до Турново, а со оглед на фактот што овој стадион има голем капацитет, се отвара можноста и за повеќе публика, пред се и за гостинска публика и гостински навивачи.
Брера на овој стадион играше натпревари и под рефлектори, па се отвара и оваа можност за одново да се следат натпревари под рефлектори, а на овој стадион настапува и репрезентацијата на Македонија.
Во првото коло од новата сезона Брера на овој стадион ќе игра против Вардар, па повеќе од јасно ќе биде дека се очекува многу публика, а верните „Комити“ ќе направат шоу за одлична атмосфера на стадионот.
Интересно е тоа што токму Вардар на овој стадион го совлада второлигашот Детонит Плачковица и обезбеди опстанок во Прва лига, па новата сезона ја започнува токму на овој стадион.
Александар Ванев, М-Нет