
Од работни обврски да се ослободат бремените жени и лицата постари од 60 години, да се обезбеди работа од далечина, флексибилно или двократно работно време. Владата усвои дополнителни препораки до работодавачите, кои ќе важат во перидот од 20 до 26 јули 2025 година.
Според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во периодот од 20 до 26 јули 2025 година се очекува пораст на дневните температури, со можност за достигнување до 41°C во одделни региони.
Имајќи го предвид кумулативниот ефект на продолжената изложеност на високи температури врз здравјето на ранливите категории на население, Владата, усвои дополнителни препораки за работодавачите, кои ќе важат во периодот од 23 до 26 јули 2025 година.
Дополнително, ЦЈЗ Штип потсетува на веќе важечките мерки од акцискиот план:
• Одложување на работниот процес од 11:00 до 17:00 часот за работници изложени на директна топлина.
• Обврска за обезбедување микроклиматски услови за работа – простории со температура до 25°C, освен каде што природата на работата не дозволува поинаку.
• Континуирано информирање на јавноста преку институциите.
• Активирање на интерните протоколи за работа во вонредни услови во сите здравствени установи, домови за стари лица и образовни институции.
Истовремено се препорачуваат мерки за самозаштита, како
• Престојување во разладени простории, особено од 11:00 до 17:00 часот.
• Внесување доволно течности, избегнувајќи алкохол и засладени пијалоци.
• Носење лесна и светла облека, користење заштита за глава и очи.
• Избегнување физичка активност во најтоплите часови.
• Посветете внимание на деца, стари лица, хронично болни и бремени жени – тие се особено ранливи.
• При симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш побарајте медицинска помош.