Брегалница ја темпира формата под полна пареа, „сините“ со една цел – влез во Прва лига

Фудбалерите на Брегалница под полна пареа ја темпираат формата за пролетниот дел од сезоната во Втората лига. Шефот на стручниот штаб Влатко Костов за М Нет телевизија ни потврди дека атмосферата е одлична и дека подготовките течат во најдобар ред.

Брегалница засега се засили со Бојан Рајков кој е повратник во штипскиот тим, а доаѓа од прволигашот Силекс, додека пак Јорданчо Наумоски е второто зимско засилување и доаѓа од редовите на прволигашот Пелистер.

Брегалница во следниот период ќе се засили со едно до најмногу две засилувања и тука ќе биде затворен трансфер пазарот кај „сините“. Веќе се водат интензивни преговори и во следните денови ќе биде познат епилогот од истите. Клубот се раздели со Хусеин Демири, Дарко Алексовски – Пеле и Еди Мандак, а сите останати фудбалери продолжуваат во дресот на Брегалница.

Се разговара и околу потврда на сите противниците за проверка на формата и датум за потврда на истите со што се очекува во следните денови да бидат познати сите противници со кои Брегланица ќе ја проверува формата.

Целта на Брегалница е влез во Прва лига, а како што е познато првопласираниот тим има директен влез во Прва лига, додека пак вториот и третиот играат бараж за влез во елитата.

Искусниот стратег Влатко Костов во својата кариера успеа пет екипи да ги внесе од Втора во Прва лига, последно тоа го направи со Пелистер од Битола, а претходно со Хоризонт Турново, Брегалница, Куманово и Осогово, па сега Костов има предизвик одново да ја внесе Брегалница. Доколку тоа се случи тогаш Костов ќе успее по вторпат да ја внесе Брегалница од Втора во Прва лига, а за вкупно шестпати во неговата кариера да направи еден ваков голем успех.

Александар Ванев, М-Нет