Еден од основните услови за квалитетно образование е да имаме добра образовна инфраструктура – пристојни училишта со добро опремени кабинети, пристап до ИТ опрема и безбеден интернет и прилагодени објекти за инклузија на дечињата со посебни образовни потреби. Тоа е приоритет на актуелната Влада и на министерството и за две години вложивме 70 милиони евра во над 90 инфраструктурни проекти.
Ова денес го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието во врска со тоа што е направено за подобрување на образовната инфраструктура во Македонија во мандатот на актуелната Влада.
„Само преку министерството вложивме 35 милиони евра во 7 нови училишни објекти, 4 нови спортски сали, во реконструкција на 30 постоечки училишни и спортски објекти, во реконструкција на два студентски дома, а ја откочивме и изградбата на ФИНКИ и ФФК кои неправедно беа стопирани. Дополнително и Владата преку два повика за финансирање на капитални инвестиции, им додели на општините 35 милиони евра за реализација на 55 проекти“, рече Јаневска.
Потсети и дека заради воведување на концептот на едносменска настава се прошируваат капацитетите на 14 училишта во Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Илинден и Градско, а уште 15 проекти ќе започнат етапно во следните неколку месеци.
„Ќе градиме и 30 нови спортски сали, а ќе ги реконструираме преостанатите државни студентски домови и шест училишта со ресурсни центри. Средствата се веќе обезбедени“, информираше министерката, нагласувајќи дека лесно се компарираат резултатите од работата на актуелната Влада остварени за две години и од, како што рече – неработењето на оние кои беа на власт во претходните седум, како и оние кои никогаш немале прилика да раководат со институциите, а се секогаш меѓу најгласните критичари.
Текстот Јаневска: За две години во образованието се вложени 70 милиони евра, за едносменската настава се прошируваат капацитетите на 14 училишта е превземен од МАКФАКС.