
Брегалница е на врвот од табелата во Втората лига со 13 бодови, колку што има и Беласица која е втора поради гол разликата. Штипјани имаат 15 постигнати погодоци и четири примени, а пак Беласица има 14 постигнати погодоци и пет примени.
Кожуф е во одлична форма со учинок од три победи и две ремија, а тимот од Гевгелија има најдобра одбрана со два примени погодоци на пет одиграни натпревари, а на своето конто има 11 бодови, колку што има и Шкендија Арачиново која е четврта.
Скопје е петти на табелата со 10 бодови, а тимот од Авткоманда врза две победи во низа, додека пак Новаци е на шестото место со девет бодови.
Следува Охрид како седми кој има осум бодови, осми е Детонит Плачковица со седум бодови, колку што има и Осогово кој се наоѓа на деветтото место. Тетекс и Вардар Неготино имаат по шест бодови за делба на десеттото место.
Каменица Саса е на 12-тото место со пет бодови, Слога Виница е на 13-тото место со три бодови, а толку има и Преспа. Екипата на Победа е на претпоследното место со еден бод, а пак на дното е Големо Коњари, единствен тим кој нема освоено бодови.
Најдобар напад има тимот на Скопје кој реализираше 16 погодоци на овие пет натпревари, а пак Кожуф ја има најдобрата одбрана со два примени погодоци.
Екипите на Победа и на Големо Коњари се единствени кој немаат триумф во новата сезона, а по четири победи имаат Брегалница и Беласица, најмногу порази има Големо Коњари.
Александар Ванев, М-Нет