Осогово се врати на победите, нов пораз за Слога Виница, Новаци до минимална, но голема победа!

Петтата рунда на Втората лига донесе неколку интересни резултати, а кои направија промени на табелата.

Слога Виница влезе во резултатска криза со три порази во низа, откако повратникот загуби пред својата публика од Беласица со резултат од 1:2, со што струмичани нанижаа четири победи во низа.

Во Радовиш немаше погодоци, Детонит Плачковица и Шкендија Арачиново одиграа 0:0 и ги поделија бодовите, а голови немаше ниту на дуелот меѓу Охрид и Кожуф каде двете екипи мораа да се задоволат само со бод.

Тежок пораз доживеа Победа, со што прилепскиот клуб во својата историја испиша една негативна страница и со тоа повеќе од јасно е дека клубот е во тотален хаос и практично ќе има многу тешка мисија да се избори за опстанок. Прилепчани во Автокоманда беа декласирани во секој поглед од Скопје со 8:1.

Осогово се врати на победите откако го доби Големо Коњари во гости со 0:2 со што „жетварите“ на своето конто додадоа три важни бодови.

Брегалница ја продолжува победничката низа откако во Македонска Каменица со 1:3 славеше над Каменица Саса, со тоа „сините“ се на врвот од табелата.

Новаци забележа минимална, но голема победа над Тетекс со што сега има девет бодови и прогреси кон горниот дел од табелата, откако славеше со 1:0 над „штофарите“ од Тетово.

Во Ресен се одигра дуел на две екипи кои во претходното коло имаа вистинска катастрофа, а сега на мечот за рехабилитација екипата на Вардар Неготино со 1:2 славеше над Преспа.

Следниот викенд ќе се одиграат натпревари од шестото коло, а кое коло носи одново интересни натпревари кои сигурно е дека ќе направат нови промени на табелата, а повеќе од јасно е дека не’ очекува навистина тешка и неизвесна сезона.

Александар Ванев, М-Нет