Брегалница ги враќа штипските фудбалери во своите редови, како ќе изгледаат „сините“ во новата сезона?

Брегалница работи на ростерот за новата сезона со тоа што костурот на тимот ќе се потпира на штипски фудбалери, за што беше соопштено и на првата прес-конференција.

Според тоа што го дознава М Нет телевизија во новата Брегалница доаѓа Анџело Николовски, кој настапуваше за Македонија ЃП, како и Стефан Коцев кој доаѓа од Шкендија од Тетово. Во тимот останува и капитенот Давид Калпачки од минатата сезона, како и младите фудбалери од Штип кои и во минатата сезона беа дел од тимот како Благој Хаџи Кимов.

Во тимот треба да пристигне и Бобан Горгиев фудбалер од Штип кој во минатата сезона беше дел од тимот на Арсими, како и штипјанецот Стефан Костов кој го носеше дресот на Пелистер.

Според нашите информации во клубот доаѓаат и Благоја Спироски и Даниел Карчески со што значително се зголемува квалитетот во тимот кој сега ќе го води искусниот стратег Влатко Костов.

Брегалница поставува темели во костурот на тимот со штипски фудбалери кои треба да бидат носители на играта, а надополнета со неколку искусни играчи од други средини.

Како што најави новото раководство на Брегалница фокусот се става на играчи од Штип и околината.

„Исто така се договориме со повеќе играчи и ќе видите дека повеќе се играчи од Штип и Брегалница“, вели новиот сопственик на Брегалница.

Во следниот период ќе треба да бидат претставени сите нови засилувања во Брегалница, а ќе следи и официјална промоција на новиот шеф на стручниот штаб Влатко Костов. Новата сезона започнува на 23 август.

Александар Ванев, М-Нет