Браќата Жарко и Сашко Арсовкси најдобри тренери, Дејан Митров доби награда за животно дело во областа на спортот

На синоќешната свечена манифестација „Спортист на годината“ во Штип, за најдобри тренери беа прогласени браќа Сашко и Жарко Арсовски, од таекводно и карате клубот Штип, кои зад себе имаат успешна година.

„Овие награди се доказ дека сепак нашиот град има многу спортисти, дека нашите два клуба карате клуб Штип и таеквондо клуб Штип имаат поддршка од целиот град. Оваа публика кога ќе ја видиме на крајот на годината дека ги бодри нашите успеси, успесите не наши само туку на сите спортисти на градот Штип. Тоа е еден голем стимул за да не застануваме да продолжиме понатаму да се бориме макотрпно, да не се откажуваме само да учиме од нашите порази, нашите ученици од нивните порази и да се подобруваме се повеќе и повеќе и да бележиме големи резултати и секоја година на вакви убави настани да се среќаваме. Искрено многу сум горд и сум пресреќен што еве како првпат покрај многуте титули најдобра спортист еве конечно го земаме приматот најдобар тренер. Дуото Арсовски функционира одлично се надевам дека со ваква работа, ваква посветеност со исто темпо ќе продолжиме и понатаму“, рече Жарко Арсовски за М Нет телевизија.

Ваквото признание ќе биде мотив повеќе во иднина за уште поголеми успеси и резултати.

„Ова е голема работа за нас, за штипскиот спорт, за штипското карате, за штипското таеквондо. Напорната работа си го створи своето. Јас и Жарко бевме прогласени за најдобри тренери и сме многу среќни поради овој момент. 2025 година беше многу успешна со успеси за нас, имаме спортист на град Штип, Љупче Михајлов, заслужено. Но, морам да напоменам една главна работа нашата цел, на мене и на Жарко, да создадеме јаки личности во нашиот град, во нашето општество само така може нашата држава да напредува“, рече Сашко Арсовски за М Нет.

За најдобар судија е прогласен Даниел Илијев, најдобар спортски клуб е одбојкарскиот клуб Штип УГД, најдобри резултати во училишен спорт имаат ООУ „Тошо Арсов“ и СОУ „Славчо Стојменски“.

Искусниот тренер и селектор Петре Чурлиновски беше прогласен за најдобар спортски работник, признание за спортски амбасадор му беше доделно на Бојан Миовски.

За спортски настан за 2025 беше прогласен Првиот меморијален боксерски турнир „Јордан Мијалков“ во организација на боксерскиот клуб Пинк Пантер. Награда во категорија медицинска поддршка во областа на спортот доби доктор Благоја Здравев, доктор на одбојкарскиот клуб Штип УГД.

Плакета за учество во развојот на малиот фудбал во општина Штип доби клубот Три Шешира. Не беа заборавени ниту ветераните, а во оваа категорија беа доделени 20 признанија.

Дејан Митров беше добитник на награда за животно дело во областа на спортот.

„И самиот збор животно дело има голема тежина, но ова тежина ќе се обидам да ја издржам така што си зададов самиот на себе следен предизвик, тоа е предизвик да ги надминам моите спортски резултати, во тренерската работа со тоа што ќе создавам нови млади таленти, со кои во иднина Македонија и Штип ќе се гордеат“, рече Дејан Митров за М Нет.

Митров за М Нет телевизија истакна дека патот до успехот на еден спортист е навистина тежок.

„Да бидам искрен навистина е тежок патот до успехот, бара многу жртвување, откажување од секојдневните уживања кои ни ги нуди животот. Но, на крајот од денот кога ќе добиете вакво признание сето тоа се заборава, се паметат само убавите моменти, интонирањето на македонската химна кога сте на високото место на победничкиот пиедистал, сето тоа чувство кое не може секој да го почувствува само спортистите. Затоа знаеме дека спортистите се најголеми амбасадори и затоа треба да ги негуваме и вреднуваме“, дополни Митров.

Со ова свечена манифестација „Спортист на годината“ Штип ги прогласи најдобрите во областа на спортот за 2025 година, како мотив и поддршка и во 2026 година да стигнат до нови и уште поголеми резултати.

Александар Ванев, М-Нет