Љупче Михајлов – спортист на годината за 2025 година во Штип

Синоќа се одржата свечената манифестација „Спортист на годината“ на која Штип ги прогласи најдобрите за 2025 година. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов во своето обраќање им честиташе на добитниците за добиените награди и признанија притоа посакувајќи им уште поголеми успеси во иднина.

„Вечерва сме собрани да им оддадеме признание на оние кои преку спортот ја претставуваат најубавата страна на Штип, упорноста, дисциплината и желбата за постојан напредок. Настанот „спортист на годината“ е повеќе од доделување на награди. Тоа е потсетник дека зад секој успех стојат години труд, откажувања и силна верба. Најнапред дозволете ми да упатам искрени честитки до сите добитници на вечерашните признанија. Овие награди, се заслужна потврда за постигнатите резултати, но истовремено и силен мотив за сите млади спортисти, кои доправа го градат својот пат. За многумина од нив најдоброто време доправа доаѓа“, рече градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, при неговото обраќање.

Спортист на годината за 2025 година е Љупче Михајлов, каратист на карате клубот Штип, кој зад себе имаше најуспешна година и со тоа беше прогласен за најуспешен спортист за 2025 година.

Михајлов го освои 5. место на Европско првнество во Полска, второ место на Балканското првенство во Црна Гора, трето место на Светското пвенство во Хрватска, второ место на Европската универзијада во Полска, како и прво место на Државното првенство во Македонија.

Михајлов има бронзен медал од Европското првенство во Чешка, кој претставува прв значаен медал во неговата кариера.

„Ова за мене е преголема мотивација и многу сум благодарен за оваа награда. Имаме следни првенства и се надевам дека на следните првенства ќе донесам уште повеќе и подобри резултати и златни медали. Сега имаме следно Светско универзитетско првенство кое ќе се одржува во Бразил таму очекувам добар пласман, се надевам на медал. На претходното Европско универзитетско првенство го освои второто место, а сега се надевам влез во финале и прво место“, изјави за М Нет, Љупче Михајлов, спортистот на Штип за 2025 година.

Михајлов го доби признанието и најдобар спортист во сениорска конкуренција, а во оваа конкуренција на третото место беше ракометарот на Текстилец УГД, Филип Џинес, а пак втор беше Михајлов Мирасчиев од одбојкарскиот клуб Штип УГД.

Во конкуренција младинци најдобра беше Душица Бреслиева од таекводно и карате клубот Штип, на второто место беше Данил Николиски од Џиу-Џицу клубот Осенсеи, а пак третото место и припадна на Мелани Митевска од боречкиот клуб Балканец.

Во конкуренција кадети најдобар беше боксерот Иса Бајрам од боксерскиот клуб Пинк Пантер, на второто место беше позиционирана Ива Колева од женскиот кошаркарски клуб Тим Арена, на третото место Стефанија Кипријановска од одбојкарскиот клуб Младост УГД.

Во конкуренција пионери најуспешен за 2025 година беше Лука Ананиев од боречкиот клуб Балканец, на второто место беше Сара Тодорова од таеквондо клубот Штип, а пак на третото место беше Нина Дојчинова од женскиот кошаркарски клуб Тим Арена.

Марија Анчева ја доби плакетата за најдобра – жена спортист за 2025 година.

„Оваа награда која веќе ми е трета по ред ми е многу значајна бидејќи ова е резултат на мојот труд сите овие години, вложував многу во себе и успехот ми е многу драг. Оваа награда мислам дека е голем потик и за млади најпрво девојки, па и спортисти, да биде добар чекор за сите да сакаат да ја добијат истата оваа награда како што ја добив и јас. За мене лично, мислам дека е сосема доволно третипат по ред да ја добивам оваа награда, но сепак јас останува активен спортист и во иднина се надевам ќе има поголеми резултати“, изјави Марија Анчева за М Нет.

Со оваа свечена манифестација беа прогласени најдобрите во спортот за 2025 година во Штип.

Александар Ванев, М-Нет