
Денес беше отворено 9. коло од Третата македонска фудбалска лига – Југ, со натпреварот во Велес каде некогашниот прволигаш Борец со убедливи 6:0 го декласираше Ултрас на Градскиот стадион.
Победата беше најавена уште во првиот дел од натпреварот кога резултатот на полувреме беше 3:0 за велешката гордост која мака мачи да се врати во Втората лига.
Јосиф Манасиев и Дејан Стефановски беа двојни стрелци, а по еден гол во второто полувреме постигнаа Ане Ташевски и Стефан Каџабанов.
Колото ќе биде комплетирано утре со останатите пет натпревари. Во Крушево ќе играат Питу Гули и Росоман, Превалец ќе се соочи со Слога, лидерот Големо Коњари ќе игра против „фенерџијата“ Бучин, а пак во Кривогаштани ќе се соочат Младост и Локомотива од Градско.
Автор: Александар Ванев