Алармантно се шири овчата сипаница во државата – сточарите бараат итна вакцинација за заштита на стадата

Алармантно се шири овчата сипаница низ државата, а сточарите бараат итна типизација на вирусот и системска вакцинација на целото национално стадо. Од Сојузот на одгледувачи на овци предупредуваат дека состојбата со ширењето на болеста кај малите преживари е сериозна и дека секојдневно се појавуваат нови жаришта во повеќе региони. Велат дека досегашните мерки не даваат резултати на терен и дека се потребна итна реакција за да се спречат поголеми загуби во сточарството.

„Секојдневно на терен се соочуваме со информации за регистрирање нови жаришта во повеќе региони од државата. Состојбата се влошува и покрај тоа што се преземаат одредени активности од страна на надлежните институции. Официјално предлагаме и бараме итна лабораториска типизација на вирусот. Бараме надлежните ветеринарни и научни институции без одложување да извршат прецизна генетска и серолошка типизација на изолираниот вирус од теренските жаришта. По присуството на вакцината, веднаш да се започне со системска и контролирана вакцинација на сите мали преживари на територијата на целата држава.“, велат од сојузот на одгледувачи на овци

Од Сојузот на одгледувачи на овци велат дека се свесни за предизвиците што ги носи вакцинацијата, особено во делот на меѓународниот промет, но сметаат дека зачувувањето на животниот фонд мора да биде приоритет. Предупредуваат дека неконтролираното ширење на вирусот може да остави трајни последици за македонското овчарство. Апелираат на заедничка координација со ветеринарните власти и институциите, со цел навремена реакција, прекинување на синџирот на пренос и заштита на домашниот сточарски сектор.

Иван Митев, М-Нет