
Фудбалскиот клуб ФК Беласица го утврди датумот за почеток на подготовките за продолжението од сезоната. Под водство на тренерот Панче Стојанов и стручниот штаб, плаво-белите официјално ќе стартуваат со работа на 14 јануари 2025 година.
Подготовките целосно ќе се реализираат во Струмица, каде екипата ќе се фокусира на физичката подготвеност, тактичкото уигрување и темпирањето на формата за пролетниот дел од првенството.
Во рамки на подготвителниот период, Беласица планира да одигра пет до шест контролни натпревари, кои ќе послужат како важна проверка за формата и конкуренцијата во тимот. Имињата на противниците за пријателските средби ќе бидат соопштени дополнително во наредните денови.
Со јасен план и организиран пристап, струмичкиот клуб влегува во нов циклус со цел подготвен да го дочека продолжението од сезоната и да ги оствари зацртаните амбиции – влез во Прва лига.