ЕХФ ги повлече Начевски и Николов од Европското првенство

Македонските ракометни судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов нема да бидат дел од Европско првенство во ракомет 2026, откако Европска ракометна федерација донесе одлука да ги повлече од листата на судии за престижното натпреварување.

Како што информира ЕХФ, одлуката е донесена по сомнежи за нерегуларности поврзани со видео-материјалите доставени како дел од задолжителните физички тестови што судиите мора да ги поминат пред големите натпреварувања. Според федерацијата, по детална анализа било утврдено дека постои сериозна индикација оти снимките не го прикажуваат целиот тест во континуитет, поради што нивната номинација е суспендирана.

Со оваа одлука, искусниот македонски судиски тандем ќе го пропушти настапот на континенталниот шампионат, што претставува значителен удар и за македонскиот ракомет, имајќи предвид дека Начевски и Николов со години важеа за едни од најреномираните судии на европската сцена и редовно беа дел од најважните натпревари под капата на ЕХФ.

Од Европската ракометна федерација најавуваат дека постапката околу случајот ќе продолжи и во наредниот период, по што ќе следуваат и конечни одлуки согласно интерните дисциплински правилници.

Случајот предизвика големо внимание во спортската јавност и отвори бројни прашања околу строгите критериуми и контролите што се применуваат во подготовките за големите ракометни натпреварувања.