Башкими го доби дербито со Арсими, Осогово само до бод

ФОТО: ФК Башкими

Како што веќе објави М Нет телевизија, Брегалница доживеа вистинска катастрофа денес во Турново откако загуби со 4:0 од Каменица Саса, меч кој можевте да го следите на М Нет телевизија, а извештајот од мечот го имате тука.

Осогово одново само до бод против Кожуф, откако на домашен терен одигра 0:0 против Кожуф, а пак со бод мораше да се задоволи и Борец откако одигра 1:1 против Новаци. Чичевски постигна гол за 0:1 на полувреме, а во вториот дел Јовановски од пенал ги постави конечни 1:1, а истиот фудбалер не реализираше втор пенал со што бодовите ги поделија двете екипи.

„Фенерџијата“ Вардарски пополека ќе ги пакува куферите за селење во Трета лига – Исток, откако денес беше декласиран од Детонит Плачковица со 1:4. За радовишани Масевски беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Јошески и Смилков.

Башкими со 2:1 го доби дербито на колото против Арсими во Куманово. Хебиб Саити и Ардит Демири беа стрелци за Башкими, а во финишот од мечот Арсими преку Ајрадин Цуцули го ублажи поразот на конечни 2:1.

Победа го „тресна“ лидерот Македонија ЃП преку пресврт со 2:1, откако „лавовите“ преку Дошев беа во водство од 0:1, а во вториот дел Кофилоски и Димоски постигнаа погодоци за триумф на Победа.

Вардар Неготино преку Шиков и Младеновиќ дојде до победа над Скопје од 2:0, а пак Охрид преку пресврт со 2:1 ја совлада Беласица, откако струмичани имаа предност со голот на Коцев, а потоа Дишлиевски со два гола обезбеди победа за Охрид.

Александар Ванев, М-Нет