Баже Јанакиевски ја започна мисијата: Работнички со нов тренер и реновиран тим тргнува по прволигашки камбек

Работнички и официјално ги стартуваше подготовките за новата натпреварувачка сезона, а почетокот на новиот проект беше означен со првиот тренинг предводен од новиот шеф на стручниот штаб, Баже Јанакиевски.
Новиот кормилар на скопскиот клуб денеска го собра тимот и ги започна подготовките за настапите во Втората македонска фудбалска лига, каде главната цел ќе биде враќање на Работнички во прволигашкото друштво.
Пред Јанакиевски ќе биде сериозен предизвик, бидејќи на располагање ќе има речиси целосно реновиран играчки кадар. Во клубот веруваат дека новата енергија, промените во составот и квалитетната работа во подготвителниот период ќе бидат клучни за остварување на амбициите.
Работнички, клуб со богата традиција во македонскиот фудбал, ќе се обиде преку добри игри и резултати повторно да го пронајде патот до Првата македонска фудбалска лига, а новата сезона ја започнува со јасна цел – враќање таму каде што, според клупските амбиции, му е местото.