Ален Јашароски си замина од Воска Спорт

Искусниот фудбалер Ален Јашароски во иднина нема да го носи дресот на охридскиот прволигаш Воска Спорт, кој реши да си замине и кариерата да ја продолжи во нова средина. Искуснииот офанзивец и Воска Спорт се разделуваат по двегодишна соработка, откако тој во Воска Спорт пристигна од редовите на Скопје.

Јашароски со Воска Спорт ја освои Втората лига и со тоа охридскиот клуб за првпат во својата историја заигра во Првата македонска фудбалска лига.

32-годишникот во својата кариера покрај за Воска Спорт и Скопје, има настапувано и за Македонија ЃП, Ренова, Еуромилк ГЛ, Шкупи, Работнички, Хоризонт од Турново, Металург, а настапуваше и за екипата на Приштина од Косово.

„Сакам да Ве известам дека повеќе не сум дел од ФК Воска Спорт. За време додека бев дел од клубот, секогаш се трудев со својата совест да го дадам најдоброто од себе, па затоа сакам да им се заблагодарам на претседателот, раководството на клубот, техничкиот персонал и сите играчи, како и на поддржувачите на клубот за овие две години. На клубот му посакувам се најдобро во иднина“, напиша Јашароски, кој кариерата ќе ја продолжи во нова средина.

Јашароски оваа сезона во дресот на Воска Спорт постигна осум погодоци, запиша три асистенции, одигра 27 натпревари и притоа помина на фудбалските терени 1232 минути.

Александар Ванев, М-Нет