
По влезот на Вардарски во Втората македонска фудбалска лига на Градскиот стадион во Богданци ќе се гледа второлигашки фудбал по 27 години.
Влезот во Втората лига ќе значи и посериозен ангажман и поголема организација во Вардарски, клуб кој има настапувано и во Првата македонска фудбалска лига во првата сезона од фудбалската елита.
На синоќешниот состанок на новиот второлигаш донесена е одлука со која Бојан Каракамишев е назначен за нов претседател на клубот, а нов секретар на клубот е досегашниот капитен Славе Танов.
Како што дознава телевизија М Нет во следниот период ќе бидат промовиран новиот шеф на стручниот штаб кој ќе го води повратникот во Втората лига, а веќе е започната фаза на разговори и задржување на сите досегашниот играчи, но се разговара и за нови засилувања.
Според информациите на телевизија М Нет екипата на Вардарски во следниот период ќе го утврди и планот на подготовки за новата сезона во Втората лига, односно кога ќе започнат подготовките, каде ќе се одржуваат, а ќе бидат дополнително договорени и пријателски натпревари за темпирање на формата за новата сезона.
Вардарски како шампион во Трета лига – Исток играше бараж за Втора лига и истиот го доби откако на Маџари на „Борис Трајковски“ славеше со 3:2 над шампионот на Трета лига – Југозапад екипата на Кораб од Дебар.
Александар Ванев, М-Нет