Oд утре стартува второто издание на ,,Shtip street food festival” на шеталиштето Ванчо Прќе, предвидена богата програма

Од утре до недела Штип ќе биде домаќин на второто издание на „Штип Стрит Фуд Фестивал“. На шеталиштето „Ванчо Прке“ посетителите ќе имаат можност да уживаат во богата музичка програма и да дегустираат храна од повеќе светски кујни. Како што истакна градоначалникот Иван Јорданов, се очекува добра посетеност, одлична забава и фестивалот да продолжи да се развива како традиционална манифестација која ќе ја збогатува понудата на градот.

„Добро, сакам да ја информирам јавноста дека од денес се започнати подготовките за уличниот фестивал кој наредните три дена ќе се случи, ќе се одржи во нашиот град. Втора година по ред се одржува овој уличен фестивал на шеталиштето „Ванчо Прке“. Граѓаните на општина Штип, но и сите гости од страна, во следните неколку денови ќе имаат можност добро да се забавуваат со богата музичка програма, да имаат можност да пробаат, да вкусат храна од многу светски кујни. Посакувам да има добра потрошувачка, одлична забава и сето ова да продолжи како една традиција во насока на збогатување на понудата која како град ја нудиме на нашите сограѓани, но и на сите гости кои доаѓаат од страна.“, кажа Јорданов

Од Општина Штип очекуваат успешна реализација на фестивалот и богата понуда за посетителите. Градоначалникот Иван Јорданов вели дека на градот му се потребни вакви настани кои го збогатуваат општествениот и забавниот живот.

„Верувам дека сите потребни подготовки ќе се навреме изреализираат за да сето она кое е предвидено и замислено на шеталиштето „Ванчо Прке“ од петок до недела да се реализира, програмата која ќе имаат можност нашите сограѓани да ја да ја проследат, да уживаат во неа и во богатата понуда на светски кујни кои верувам организаторите ќе се погрижат да обезбедат со соодветни штандови за да има соодветна понуда. Во име на ова сакам да се заблагодарам и на организаторите кои втора година по ред се се во Штип на овој уличен фестивал, додаваат вредност во нашиот град со со ова и навистина во еден ваков период кога полека завршува и учебната и академската година, на Штип му се неопходни вакви настани за да продолжи тој таа потреба од социјален и забавен живот во нашиот град.“, додава Јорданов

Од општината посочуваа дека периодот на крајот од учебната и академската година е погоден за вакви содржини кои го раздвижуваат градот. Според штипскиот градоначалник Јорданов, фестивалот придонесува за развој на социјалниот и забавниот живот во Штип.

Иван Митев, М-Нет