
Eдна година затвор за 21 годишникот, кој си ја претепа својата бремена партнерка во Свети Николе. Тој е прогласен за виновен во Основниот суд Свети Николе за две кривични дела. Р. А. се наоѓа во притвор кој му е продолжен до правосилноста на пресудата, но не подолго од 60 дена.
„Постапувајќи по обвинителниот предлог поднесен од ОЈО Свети Николе, Основен суд Свети Николе донесе неправосилна пресуда со која Р.А. е прогласен за виновен за едно кривично дело Телесна повреда и за Потивправно лишување од слобода и е осуден на единствена затворска казна една година затвор“, соопшти Основниот суд Свети Николе.
Според обвинението, Р. А. на 19 и 20 февруари годинава, во семејната куќа во Свети Николе при вршење семејно насилство ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка, физички ја нападнал и ѝ ги зел мобилниот телефон и клучевите од возилото. Обвинетиот ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, па започнал да ја удира со тупаници.
Иван Митев, М-Нет