Отворен конкурс за пријавување на кандидати за попишувачи за реонот Штип и Карбинци

Формирани се комисии за извршување на пописот како статистичка операција, која предвидено е да се одржи од 1 до 21 април годинава. Комисијата за Општина Штип и Општина Карбинци е комисија за пописен реон 16, со седиште во Штип, а членови се секретар на Штип и секретар на Карбинци и членови одредени од директорот од Државниот завод за статистика.

„Најважно од се е да се каже дека за пописниот реон 16, Штип и Карбинци ќе бидат ангажирани 129 реонски попишувачи, од кои 112 македонци, 6 турци, 5 роми, 5 власи и 1 српски и вкупно реонски инструктори 13.“ – истакна Китанова, потпарол на Општина Штип.

Кандидатите кои се заинтересирани да учествуваат во пописот треба да исполнуваат определени општи и посебни услови.

„Потребно е да бидат државјани на Република Северна Македонија, да имаат завршено најмалку средно образование и да имаат познавање од работа на персонален компјутер“ – кажа Китанова.

Огласот е објавен на веб страната на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија, и пријавата е исто така објавена на оваа веб страница. Пријавувањето на кандидатите исклучително ќе се одвива преку електронска форма.

Тестирањето ќе се спроведе во зградата на Општина Штип, како седиште на пописниот реон број 16. Ангажирањето на избраните кандидати че биде по основ на Договор за дело, изборот ќе го изврши директорот на Државниот завод за статистика по предлог на надлежната работна група формирана за секој пописен реон. Заинтересираните кандидати имаат можност да се пријават од денеска до 28 февруари.

Лаура Стојанова М-Нет