
Во тек е јавниот увид во нацрт Регионалниот план за управување со отпад во Источниот и Североисточниот плански регион, како и во нацрт-извештајот за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина. Документите се ставени на увид на јавноста со цел граѓаните и сите засегнати страни да се запознаат со планираните решенија и да учествуваат во процесот на нивната подготовка.
Јавниот увид се спроведува во периодот од 5 октомври до 15 ноември 2026 година, во рамките на проектот „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион“, финансиран од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).
Подготовката на документите е дел од напорите за воспоставување поефикасен систем за управување со отпадот во двата плански региона, со посебен акцент на заштитата на животната средина и вклучувањето на јавноста во процесот на донесување одлуки.
Постапката за стратегиска оцена на животната средина започнала на 22 декември 2025 година, со подготовка на одлука и формулар за спроведување на оцената од страна на центрите за развој на Источниот и Североисточниот плански регион. Документите биле објавени на веб-страниците на Министерството за животна средина и просторно планирање и на двата регионални центри за развој.
Од надлежните институции информираат дека процесот има цел да обезбеди транспарентност и навремено информирање на засегнатата јавност, како и можност за нејзино активно учество во подготовката на регионалниот план и оценувањето на неговите потенцијални влијанија врз животната средина.
Заинтересираните граѓани, општините и другите засегнати субјекти имаат можност да ги разгледаат нацрт-документите во предвидениот рок и да се запознаат со предложените насоки за идното управување со отпадот во Источниот и Североисточниот регион.
Ева Тушевска, М-Нет