
Верниот народ денеска го празнува Светиот апостол Тома, еден од дванаесетте Христови апостоли. Православната црква го одбележува неговиот спомен, додека неделата по Велигден, позната како Томина недела, е посветена на Христовото јавување пред апостол Тома и неговото уверување во Христовото воскресение.
Според неговото житие, по слегувањето на Светиот Дух, на апостол Тома му паднала жрепка да замине во Индија, каде што го проповедал Христовото учење и многумина ги обратил во христијанската вера. Таму, според црковното предание, основал христијански заедници и поставил свештеници и епископи.
Во текот на својата мисија, Свети Тома се соочувал со прогонства поради верата што ја проповедал. Неговото житие сведочи за неговата истрајност и посветеност на Христовото учење, дури и во најтешките моменти.
Според преданието, апостолот го завршил својот земен живот со маченичка смрт, откако бил осуден од индискиот кнез Муздиј и прободен со копја.
Светиот апостол Тома останува симбол на истрајноста, пожртвуваноста и ширењето на христијанската вера, а неговото житие и денес ги потсетува верниците на значењето на духовната посветеност и верноста кон Бога. Токму затоа, верниците денеска запалија свеќа и молбено се поклонија пред иконата на апостолот, за нивнот здравје, спасение и исцеление. Се верува дека преку неговиот лик, Господ Исус Хрисотс, синот Божји ќе ги услишни нивните молитви.
Иван Митев, М-Нет