
Осумгодишно дете е повредено откако било удрено од патничко возило додека го преминувало пешачкиот премин на улицата „Сутјеска“ во Штип, во близина на основното училиште „Гоце Делчев“. Возачот по ударот побегнал од местото на несреќата, а полицијата трага по него.
Сообраќајната незгода се случила во петокот на 16 октомври, а била пријавена во СВР Штип во 18:30 часот. Според информациите од полицијата, малолетниот пешак од Штип го преминувал коловозот на обележан пешачки премин кога во него удрило возилото.
Детето се здобило со телесни повреди, кои биле констатирани во Клиничката болница во Штип. Засега нема дополнителни официјални информации за неговата здравствена состојба.
По пријавата, на местото на несреќата бил извршен увид, а за случајот бил известен и јавен обвинител. Од СВР Штип информираат дека се преземаат мерки за идентификување и пронаоѓање на возачот кој го напуштил местото на незгодата.
„На 16.10.2026 во 18:30 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„Сутјеска“ во Штип, во близина на основно училиште се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило и пешак малолетник. Имено, возачот на патничкото возило, удрил во пешакот малолетник од Штип, кој го преминувал коловозот на пешачки премин, по што го напуштил местото. Пешакот се здобил со телесни повреди констатирани во Клиничка болница Штип. Известен е јавен обвинител и извршен е увид. СВР Штип презема мерки за пронаоѓање на возачот на возилото.“, соопштуваат од СВР Штип
Полицијата трага по возачот кој го удрил детето и побегнал од местото на несреќата. Се работи на негово пронаоѓање и расчистување на случајот.
Иван Митев, М-Нет