По 24 години работа згасна Авто Атом, Кочани остана без својот превозник

По 24 години работа, компанијата „Авто Атом“ од Кочани престана со работа, со што градот остана без својот единствен превозник со седиште во Кочани кој обезбедуваше редовни локални и меѓуградски автобуски линии.

20 септември беше последниот работен ден за компанијата, но и за нејзините вработени. Според информациите, дел од нив преминале кај други превозници, додека останатите биле прогласени за технолошки вишок.

Последното патување на автобус на „Авто Атом“ било реализирано на линијата Скопје–Кочани, со поаѓање во 18:30 часот од Скопската автобуска станица. Со тоа завршува повеќедецениската приказна на компанијата која беше дел од секојдневието на генерации кочанчани и препознатлив бренд на патиштата низ Македонија и странство.

Заедно со автобускиот превоз, според достапните информации, престанале со работа и туристичката агенција на компанијата, како и Автобуската станица во Кочани.

„Авто Атом“ е основана во 2002 година, а основната дејност на компанијата била превоз на патници во земјава и странство. Компанијата воедно била наведувана и како сопственик на автобуската станица во Кочани.

Затворањето доаѓа по период во кој „Авто Атом“ се соочувала со сериозни предизвици во работењето. Пандемијата со коронавирусот остави значителни последици врз јавниот превоз, а по неа бројот на патници не се вратил на претходното ниво.

Дополнителен притисок претставувале конкуренцијата од други превозници, зголеменото користење лични автомобили и променетите навики на патниците. На намалувањето на побарувачката влијаело и континуираното иселување од источниот дел на земјата.

Во изминатите години дел од линиите биле редуцирани, додека возниот парк подолго време не бил обновуван. Сето тоа дополнително ја отежнувало работата на компанијата и влијаело врз нејзиното работење.

Неколку месеци пред престанокот на работата, целиот бизнис бил понуден на продажба. Во огласот биле наведени автобуската станица со површина од 223 квадратни метри и туристичката агенција со површина од 14 квадратни метри. Засега нема официјални информации дали бил пронајден купувач.

Престанокот на работата на „Авто Атом“ отвора и прашање кој ќе ги преземе линиите што досега ги одржуваше компанијата. Особено погодени се граѓаните кои немаат сопствен превоз, меѓу кои повозрасните лица, учениците и другите патници кои редовно патуваат кон Штип, Скопје и околните населени места.

Засега нема јавно објавено официјално соопштение од компанијата или од Општина Кочани за идното функционирање на автобуската станица, ниту дали линиите на „Авто Атом“ ќе ги преземат други превозници.

По повеќе од две децении, од кочанската автобуска станица заминува компанијата чии автобуси беа дел од секојдневието на генерации граѓани. Со згаснувањето на „Авто Атом“, Кочани останува без превозник со седиште во градот, кој повеќе од 20 години беше едно од препознатливите имиња на кочанските патишта.

Ева Тушевска, М-Нет