Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес потпиша девет договори за техничка поддршка за организирање локални манифестации и саеми од областа на земјоделството и руралниот развој. Вкупната вредност на договорите изнесува 1.283.889 денари.
Поддржаните манифестации се посветени на промоцијата на домашните земјоделски производи, подобрувањето на нивната препознатливост, непосредното поврзување на производителите со потрошувачите, како и афирмацијата на локалната традиција, гастрономијата и руралниот туризам.
„Најкраткиот пат од нивата до пазарот понекогаш започнува на локалниот плоштад, место каде што производителот може лично да застане зад својот производ, да го понуди и да му овозможи на потрошувачот да ја препознае неговата вредност. Со оваа поддршка отвораме простор локалните заедници да го претстават најдоброто што го создаваат, а манифестациите да донесат конкретна придобивка за изложувачите и локалните производители“, истакна министерот Серафимовски.

Поддршка за организирање манифестации добија:
-„Еко кам мед“ од Македонска Каменица за „Денови на медот во Македонска Каменица“;
– „Ума Сто“ од село Умин Дол за „Есенско пазарче“;
– „Слоу фуд Лихнидос“ од Охрид за „Вкусови на ферментацијата – органско производство на храна“;
– Општина Босилово за „Ајверијада во Општина Босилово 2026“;
– Општина Василево за „Ден на празот“;
– Општина Ново Село за „Костенијада“;
– Општина Чучер-Сандево за „Традиција на Скопска Црна Гора“;
– Општина Ресен за „Преспански јаболкобер“;
– Општина Кочани за „Денови на кочанскиот ориз“.
Избраните манифестации ќе се реализираат во периодот од 10 септември до 31 декември 2026 година. Преку нив ќе се промовираат производство на мед и органска храна, локални земјоделски производи и традиционална гастрономија.
Со реализацијата на оваа мерка, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја продолжува поддршката за здруженија и единици на локалната самоуправа во организирањето манифестации што ја зголемуваат видливоста на домашните производители, ја поттикнуваат локалната економска активност и придонесуваат за развој на руралните средини.
Текстот Министерот Серафимовски потпиша девет договори за промоција на домашното производство и развој на руралните средини е превземен од МАКФАКС.