Голем успех за Валерио Трајчевски од Пробиштип на Ironman 70.3 во Белград: 113 километри за 6 часа и 56 минути

Големиот спортски предизвик на Валерио Трајчевски од Пробиштип заврши успешно, тој на 13 септември во Белград учествуваше на Ironman 70.3 и ја комплетираше целата триатлонска дистанца за 6 часа и 56 минути.

Трајчевски беше дел од големиот меѓународен настан на кој настапија околу 1.500 триатлонци од 76 држави. Натпреварувачите ги очекуваше вкупна дистанца од 113 километри, распоредена во три дисциплини.

Трката започна со 1,9 километри пливање во езерото Ада Циганлија во Белград, по што следуваа 90 километри велосипедизам и завршните 21,1 километри трчање. Трајчевски успеа да ги помине сите три дисциплини без прекин и да стигне до целта со време од 6 часа и 56 минути.

Успешното завршување на Iroman 70.3 претставува личен успех за Трајчевски, но и спортски успех за Пробиштип. Со овој настап тој стана првиот и единствен спортист од општина Пробиштип кој досега успешно ја завршил триатлонската трка на оваа дистанца.

Iroman 70.3 бара сериозна физичка и психичка подготовка, бидејќи трите дисциплини се надоврзуваат една на друга, а спортстите мора да одржат високо ниво на издржливост во текот на целиот натпревар. Зад настапот на Трајчевски стојат месеци тренинзи, дисциплина и посветеност за да се совлада предизвикот од 113 километри.

Успехот во Белград е уште еден пример дека и спортистите од помалите среди можат да се соочат со големи меѓународни предизвици и да стигнат до целта.

Александар Ванев, М-Нет