Големите текстилни компании се преориентираат кон помали нарачки, но за поголем профит

Со почетокот на есента, започнува новата сезона во работата на текстилните конфекции, но започна и остварувањето на црните сценарија кои се најавуваа во врска со проблемите со кои ќе се соочуваат. Со тоа што се откажуваат договори од страна на странските компании со кои соработуваат, се намалува производството, а со тоа и бројот на работниците.

Иако кратењето на работните места е последна мерка кон која би пристапиле конфекциите, сепак, голем е бројот на текстилни работници кои останале без своите работни места.

Не токму појавата на коронавирусот, туку соработката со странски компании за помали серии е причината поради која во една од штипските конфекции „Албатрос“, се намалувал бројот на вработени уште пред пандемијата.

Тоа ни е идејата. Насоката наша е да не произведуваме масовно производство, туку мали серии. Таму ја гледаме иднината, затоа што немаме толкава голема конкуренција. Ние мораме да работиме со некој производ кој е со повисока цена, ама бара повеќе вложување, интелектуален труд, организација, внимание, повисок квалитет и тоа чини повеќе -изјави Иван Андов, генерален менаџер во ТК „Албатрос“..

Во последниот период, од „Албатрос“ се во потрага по  нови соработници, со тоа што ќе работат на нови артикли, но во помали серии.

Ги работиме малите серии, малите нарачки, коишто во другите земји се наша конкуренција не ги прифаќаат и не ги работат. Во тоа ја гледаме можноста за некаков излез. Се наоѓаат партнери, меѓутоа треба да се најде правиот партнер со кој ќе може да се воспостави долгорочна соработка. Во изминатиот период, сите беа некако стопирани, сите калкулираа, никој не сакаше да се впушти во некој подолгорочни договори и инвестиции. Сите исчекуваа и чекаа. Меѓутоа, имам чувство дека малку се помрднуваат работите кон подобро, не драстично, меѓутоа не е се така црно како што беше претходно – потенцираше Андов.

Во однос на најновите мерки што се најавуваат од Владата, Андов истакна дека иако се стремат кон тоа самите да се снаоѓаат, сепак откако ќе бидат објавени мерките, ќе ги разгледаат и доколку им одговараат, ќе се обидат да ги искористат.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ИГОР ЗИВРЕВ

Монтажа ИГОР ЗИВРЕВ