
Домашните транспортни компании, организирани преку асоцијацијата „Макам-транс“, денеска од 12 до 14 часот одржуваат предупредувачки протест пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Превозниците бараат итно решение за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи од Северна Македонија во земјите од Шенген-зоната.
На протестот ќе бидат присутни сопственици на транспортни фирми, професионални возачи и други вработени во секторот, а пред седиштето на Делегацијата на ЕУ се очекува да бидат паркирани околу 20 товарни возила од Скопје.
Причина за незадоволството е примената на правилото 90/180, според кое државјани на трети земји можат да престојуваат во Шенген најмногу 90 дена во рамките на секој период од 180 дена. Според превозниците, ова правило сериозно го отежнува нормалното функционирање на меѓународниот транспорт.
Протестот доаѓа во пресрет на утрешниот состанок на работната група во Брисел, од кој превозниците очекуваат конкретен напредок и преодно решение за статусот на професионалните возачи. Од „Макам-транс“ оценуваат дека Европската Унија во изминатите седум месеци не покажала доволно подготвеност за надминување на проблемот, иако во својата визна стратегија ги препознава возачите како професионалци кои извршуваат значајна економска дејност.
Паралелно со протестот во Скопје, денеска свои протести организираат и превозниците од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, со што регионалниот транспортен сектор заеднички го актуелизира проблемот пред европските институции.
Од Министерството за транспорт во повеќе наврати посочија дека работат на надминување на состојбата преку склучување билатерални договори со земји од Шенген-зоната. Целта е да се обезбеди покриеност на најважните транспортни рути по кои се движат македонските превозници.
Превозниците, сепак, велат дека досега, освен Хрватска, која направи измени во својот Закон за странци, нема други земји кои јавно потврдиле дека ќе преземат слични чекори.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски неодамна најави дека Северна Македонија наскоро ќе склучи нови договори со земји членки на Шенген-зоната, со што, според него, државата ќе може самостојно да го ублажи проблемот со престојот на македонските професионални возачи.
Превозниците предупредуваат дека доколку утрешниот состанок во Брисел не донесе преодно решение, протестите ќе бидат радикализирани. Како следен чекор тие најавуваат блокади на граничните премини во секоја од засегнатите држави.
Ева Тушевска, М-Нет