Школскиот прибор поевтин за најмалку 15% во продавниците, трговците треба да ги истакнат и старата и новата цена

Од денес до 30 септември школскиот прибор трговците на мало треба да го продаваат по најмалку за 15% пониски цени од оние кои важеле во јуни, годинава. Владата ја донесе одлуката за намалување на цените на училишниот прибор на денешната седница.

„ Трговците на големо се задолжуваат цените на училишниот прибор да ги намалат за најмалку 10%, додека пак трговците на мало се задолжуваат да обезбедат намалување од најмалку 15%. Мерката опфаќа широк спектар на производи кои се неопходни за почетокот на учебната година. Ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, боички, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни, како и материјали за изработка, практично сè што е потребно за стартот на учебната година“ соопшти попладнево портпаролкат на Владата, МАрија Митева.

Трговците се должни покрај новата намалена цена на производот да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2026 година, затоа што врз основа на таа цена се утврдува намалувањето.

Од Владата велат дека ова е конкретна мерка насочена кон директна поддршка на семејствата во период кога имаат зголемени трошоци за подготовка на децата за новата учебна година.

 

Текстот Школскиот прибор поевтин за најмалку 15% во продавниците, трговците треба да ги истакнат и старата и новата цена е превземен од МАКФАКС.