Посетители од Свети Николе избркани од штипско кафуле поради дете во влечки

Баба со своите две ќерки и три внучиња од Свети Николе раскажува за непријатна случка во штипско кафуле, каде што, според нејзиното сведоштво, семејството не било ислужено и било избркано од објектот, бидејќи едно од внучињата било во влечки. Таа вели дека децата биле жедни, било околу 14:30 часот и температурите достигнувале над 40 степени, но наместо да бидат услужени, келнерката им кажала да станат и да го напуштат објектот.

,,Mеѓутоа беше претопло, нели дечиња, напорно, и влеговме во кафич. Веднаш од влезот од десната страна, влеговме, седнавме и го викнав девојчето да не послужи. Децата беа многу жедни, беше 2 ипол саатот, 40 степени, и таа ни рече: ,,Не, станете, не можете да бидете послужени, затоа што едно од децата е во влечки, адидас, културно, пристојно. Не знам што да ви кажам. Ние бевме во шок. Како значи не може да не послужат затоа што детето е во влечалки. Го напуштивме, не сакаа да не послужат, што ќе не правеме, ќе седеме да ги гледаме. Јас сум фрапирана. Значи ние од Св. Николе, дошле сме во Штип и не знам што да кажам. И не знам како и да било детето, пак ќе го послужам со една вода или со едно сокче. Бевме во патики или сандали, едно од децата беше во влечки“, вели Бошкова

Случајот, според Бошкова, оставил непријатно чувство кај неа и кај децата, особено што, како што раскажува, во моментот било исклучително топло, а децата биле жедни. Таа вели дека не очекувала дека обувките на едно од децата ќе бидат причина поради која ќе им биде одбиена услуга во угостителски објект.

Ева Тушевска, М-Нет