
Прволигашот Брегалница продолжува со засилувањата пред новата сезона, а најновото име во редовите на „сините“ е повратникот Методи Максимов, кој и официјално повторно ќе го носи плавиот дрес.
Станува збор за 23-годишен фудбалер од Кочани, кој игра на позициите десен бек и десно крило, а важи за играч со богато искуство и покрај младата возраст. Максимов е дете на Брегалница, каде ги направи првите фудбалски чекори, пред кариерата да ја продолжи во Работнички, а потоа и во Шкендија, со која ја освои шампионската титула.
Добрите настапи му донесоа интернационален трансфер во австрискиот ЛАСК Линц, од каде замина на позајмица во норвешки Алесунд. По период исполнет со предизвици и сериозна повреда, која го забави неговиот развој, Максимов сега се враќа во клубот каде што започна сè, со желба повторно да ја достигне својата најдобра форма.
Во својата кариера Максимов ги мина сите младински репрезентативни селекции на Македонија – до 17, 18, 19 и 21 година, а има и еден настап за сениорската репрезентација, на пријателскиот натпревар против Саудиска Арабија.
Во Брегалница веруваат дека неговото доаѓање ќе донесе дополнителен квалитет на десната страна од тимот, а навивачите со нетрпение ќе го очекуваат неговото ново поглавје во плавиот дрес. Со враќањето на Методи Максимов, штипскиот прволигаш испраќа јасна порака дека амбициозно ќе влезе во новата сезона.