
Три високи тополи во центарот на Свети Николе стојат како сериозна закана веднаш до куќата на Далибор Спасовски и неговото семејство. Дрвјата со години се таму, но по вчерашното силно невреме што го зафати и Свети Николе, стравот кај семејството е уште поголем. Спасовски вели дека ноќта не ја преспал, плашејќи се дека силниот ветер може да ги бутне тополите и да предизвика голема штета. Вели дека секое ново невреме за нив е нова грижа, бидејќи не знаат дали следниот ветер ќе биде оној што ќе ги урне дрвјата. Додава дека повеќепати се обратил до општината и надлежните институции, но решение се уште нема, па бара итна реакција пред да се случи несакана ситуација.
,,Многу се високи, опасност за куќата, на семејство. Јаас одам сменски на работа. Локалата е запознаена, така да треба да се преземат мерки. Сите се оградуват, прашавме и градоначалник и шумски, сите се оградуваат. Не знаеме каде се обратеме повеќе. Постои опасност за мојата фамилија, јас одам сменски на работа, така да фамилија останвуа сама. Мора да се справуваме со кризите, сметките се преголеми, платите стоат исти.“, вели Спасовски
Далибор вели дека ова е центарот на градот, место каде што секојдневно поминуваат граѓани, па стравуваат дека доколку не се реагира навреме, последиците може да бидат големи.
Цело маало се согласни, сега во моментот можам да ги соберам. Ова е центар, ова место ако не се заштити, не знам, проодно е, сите се пазат од овие тополи. Имам голема среќа што вчера не се случи ништо. “, додава Спасовски
Во согласност со ситуацијата, М-Нет телевизија се обрати до Општина Свети Николе, од каде посочија дека тие не се надлежни за решавање на овој проблем. Оттаму велат дека грижата за дрвјата е во надлежност на Шумското стопанство, од каде треба да се преземат соодветни мерки.
Иван Митев, М-Нет