Отруени со ланата три кучиња пред зграда на ул. ,,Славчо Стојменски” во Штип, отровот расфрлан насекаде

Со ланата утринава се отруени три кучиња пред зграда на ул. ,,Славчо Стојменски” во близина на полициската станица во Штип. Станарите тврдат дека утринава отровот бил расфрлан на сите страни околу зградата, па тие стравуваат за животот на своите деца кои времето го поминуваат таму, па претставува опасност за нив. Очевидците додаваат дека немилиот настан се повторува неколкупати. Замолуваат сите граѓани да се однесуваат совесно со животните, бидејќи отровот може да наштети и на некој друг.

,,Апелирам до граѓаните да не се однесуваат вака спрема животните домашни коишто се, кучиња и мачиња, бидејќи денес има еден немил настан. Ова се повторува неколкупати, затровени се три кучиња коишто се жители на зградата ул. ,,Славчо Стојменски“ бр. 43, отровени се со ланата. Ова е брутално спрема животните, ако некој не ги сака не мора и на таков начин. Зградата има 35 станари, кај шо има и дечиња, претставува опасност и за самите станари. Немам зборови да ја опишам глетката, за нас љубетелите на животни ова е стресно”, велат станарите

Станарите додаваат дека едното од отруените кучиња давало знаци на живот, при што било однесено во ветеринарна амбуланта, но потоа починало.

,,Еден апел до сите ако не можеш да му помогнеш, ако не можеш на овие жешки денови, капка вода да му дадеш на животното немој па најлошата варијанта да го тровеш, ова е една грозна слика којашто ја видовме сабајлe. Излегов околу 8 часот, кучето лежеше, а другото куче коешто давало знаци на живот е однесено во ветеринарна станица и таму починалo”, додаваат станарите

Станарите од зградата револтирани апелираат до сторителите, ако не можат да дадат капка вода во овие жешки денови, да не го скратуваат правото на живот на животните, но и да не ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.

Иван Митев, М-Нет