Овчата сипаница се шири низ истокот – нови жаришта во каменичко, светиниколско, делчевско и кумановско, досега потврдени 17 жаришта

Нови жаришта на овча сипаница во каменичко, светиниколско, делчевско и кумановско – болеста зема се поголем замав во истокот од државата. Само во претходните два дена, односно на 14 и 15 јули се потврдени пет нови случаи во одгледувалишта на овци и кози – во Сопот, Малино, Саса, Косевица и Цера. Со новите случаи, бројот на жаришта од појавувањето на болеста кон крајот на јануари достигна 17. Заразата зафати повеќе од 2.700 животни, а Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со мерките за сузбивање и депопулација на заразените стада. Сточарите се повикуваат на зголемена внимателност и навремено пријавување на сомнителни случаи. Од АХВ велат дека состојбата се следи, а болеста не претставува опасност за луѓето.

Досега регистрирани се вкупно 2780 приемчиви животни, 70 случаи, од кои има умрени 38 животни, а убиени се нешто повеќе од 1400. Од податоци, во сетиноколско малино има околу 250 приемчиви животни во временска рамка од 9 до 14 јули, 10 нови случаи, а засега нема убиени и умрени животни.“, велат од АХВ

Од АХВ велат дека состојбата со овчата сипаница се следи и дека се преземаат мерки за спречување на ширењето на болеста. На состанок со одгледувачите на овци се разговарало за проблемите со кои се соочуваат сточарите, но и за мерките што треба да се преземат за заштита на стадата. Одгледувачите се повикани навреме да пријавуваат сомнителни случаи, за да може навремено да се реагира и да се спречи понатамошното ширење на болеста.

,,Претставниците беа запознати со биосигурносните мерки кои треба да бидат превземени од сточарите во однос на своите стада и одгледувалиштата во нивната непосредна близина, како и споделување на печатени материјали за сточарите со цел подигнување на свеста за болеста и начинот на брзо информирање во однос на истата од страна на сточарите до Агенцијата, ветеринарните друштва односно официјалните ветеринари со цел навремено реагирање во справувањето на болеста.“, додаваат оттаму

Жителите од општината чешиново-облешево велат дека ситуацијата е тешка. Велат дека ветеринарите веќе дошле кај нив и земале примероци од животните за да проверат дали се здрави.

Инаку првото жариште каде што се појави ова болест кај овците и козите е регистрирано во кумановскиот регион,а од пред неколку дена и во општината Чешиново-Облешево.

Иван Митев, М-Нет