
Второлигашите пополека во најголем број ги започнаа подготовките за новата сезона која треба да стартува на 15 август. Охрид означи старт на подготовките и веќе го крои тимот со кој ќе атакува на пласман во Првата македонска фудбалска лига.
Охриѓани се засилија со Дамјан Масевски кој доаѓа од редовите на Брегалница, голгетерот кој минатата сезона со „сините“ обезбеди пласман во Прва лига, сега ќе сака тој успех да го направи и со Охрид, а тоа за него значи враќање во дресот на „рибарите“.
Покрај за Брегалница и Охрид, во својата кариера Масевски настапуваше и за Пелистер, Детонит Плачковица, Силекс, Тетекс, Кадино и Работнички.
Покрај Масевски ново засилување во тимот на Охрид ќе биде и Валентин Кочоски, кој доаѓа од прволигашот Струга Трим Лум и ќе биде огромно засилување, а во кариерата има настапувано за Воска Спорт, Силекс, Пелистер, Беласица, Шкупи, Брера Струмица и Хоризонт Турново. Кочоски е поранешен младински репрезентативец на Македонија.
Старт на подготовките означи и Работнички кој ќе има целосен ремонт на тимот, се гради ростер буквално од нула. Нов шеф на стручниот штаб таму ќе биде Баже Јанакиевски, а „романтичарите“ ќе имаат мисија за враќање во елитата, од каде испаднаа минатата сезона.
Во рамки на првото пролетно коло Охрид на домашен терен ќе игра против Новаци, додека пак Работнички сезоната ја отвара против Кожуф, исто така на домашен терен.
Александар Ванев, М-Нет