
Македонската женска одбојкарска репрезентација ќе има настап на Медитерански игри, кои од 21 август до 3 септември ќе се одржат во Таранто, Италија.
Селекторот на македонската репрезентација Милош Гавриловиќ го објави списокот со 16 одбојкарки кои ќе конкурираат за настап на Медитерански игри. Новиот список носи одредени промени, споредено со оној за Европската лига 2026, а една од причините е што дел од помладите репрезентативки во истиот период ќе имаат обврски со У20 селекцијата во Зонските квалификации за Европското првенство У20 во 2027 година, па поради тоа не може да се смета на нив. Од поискусните играчи во тимот се враќа Тамара Атанасова додека изостана Теа Терзиевска.
Репрезентативниот дрес ќе го носи Стефанија Кипријановска од екипата на Младост УГД од Штип, која игра на позицијата среден блокер заедно со Ива Стојкоска од Наковски Волеј и Марија Василевска од Работнички.
Техничари ќе бидат Ерјона Јонузи, Јана Балов и Софија Пандева, коректори ќе бидат Мери Бошковска, Андротеа Милевска и Мила Дикова. На позиција примачи ќе бидат Љиља Ковачевиќ, Ана Фасулева, Добрина Хаџитосева, Кариа Трифуновска и Тамара Атанасова.
Либера ќе бидат Емилија Попјордановска од екипата на Газели Волеј и Надица Антеска од екипата на Јанта Волеј КВ.
Првиот собир на репрезентацијата е закажан за 27 јули со почеток од 13 часот во Скопје. Македонија на Медитеранските игри ќе биде дел од групата Б со селекциите на Турција, Грција, Алжир и Косово, додека во групата А ќе се натпреваруваат Италија, Србија, Египет, Босна и Херцеговина и Сирија.
Натпреварите од групната фаза се играат од 23 до 29 август, додека елиминациите и финалето се предвидени за период од 30 август до 1 септември.
За женската репрезентација на Македонија ова ќе биде втор настап во низа на Медитеранските игри откако претходно настапија на Игрите во Оран, Алжир во 2022 година.
Александар Ванев, М-Нет