
АП Брера Струмица официјално го назначи Ѓорге Стојчев за нов шеф на стручниот штаб на сениорскиот тим, откако стратегот зад себе остави извонредна сезона со младинската екипа на клубот.
Стојчев добро ја познава клупската средина. Во претходниот мандат на клупата на сениорскиот тим ја предводеше Брера до вицешампионската позиција и настап во европските натпреварувања, а во изминатата сезона 2025/26 испиша нов успех со младинците.
Под негово водство, младинскиот состав на АП Брера Струмица ја освои двојната круна, триумфирајќи и во Младинската лига и во Купот на Македонија. Со тие резултати уште еднаш ја потврди својата способност за развој на млади фудбалери и заслужено доби можност повторно да го предводи сениорскиот тим.
Подготовките за новата сезона ќе започнат на 13 јули, кога е закажан првиот тренинг. Во текот на подготовките, струмичани ќе одиграат пет контролни натпревари, преку кои стручниот штаб ќе ја темпира формата и ќе го подготви тимот за стартот на новата сезона.
Од клубот му посакаа многу успех, добро здравје и успешна работа на Ѓорге Стојчев и неговиот стручен штаб, со надеж дека успешните резултати ќе продолжат и на сениорско ниво.