
До 18:00 часот на 20 јуни 2026 година, на територијата на Македонија биле регистрирани вкупно десет пожари на отворен простор, од кои девет се целосно изгаснати, додека еден пожар сè уште е активен, информираат надлежните служби.
Добра вест за источниот регион е што пожарите во општините Штип, Кочани и Радовиш се успешно локализирани и изгаснати, спречувајќи поголеми последици врз природата и околните површини.
Во Општина Штип пожар избувнал на месноста „9-ти километар“, во близина на експресниот пат Штип – Радовиш, каде била зафатена ниска вегетација. Благодарение на брзата интервенција на надлежните служби, огнот бил ставен под контрола и целосно изгаснат.
Во Општина Кочани, кај селото Тркање, исто така горела ниска вегетација, но пожарот бил навремено локализиран без да се прошири кон околните површини.
Пожарна интервенција имало и во Општина Радовиш, кај селото Бучим, каде огнот зафатил ниска вегетација и дел од ниска шума. И овој пожар е целосно изгаснат.
Според информациите, единствениот активен пожар во државата е во Општина Арачиново, каде гори ѓубре и ниска вегетација. Покрај пожарите во источниот регион, во текот на денот биле изгаснати и пожари во Сарај, Бутел, Брвеница, Новаци, Куманово и Липково.
Надлежните апелираат до граѓаните на внимателност при движење и престој на отворено, особено во услови на високи температури и суво време, кога ризикот од појава и брзо ширење на пожари е значително зголемен.