Штипјанецот Дамјан Чамушев освои бронзен медал на Балканската математичка олимпијада во Романија

Голем успех за младите математичари од Штип на 30-тата Јуниорска Балканска математичка олимпијада (ЈБМО) 2026, која се одржа во романскиот град Бужау во периодот од 15 до 20 јуни.
На престижниот натпревар учествуваа вкупно 133 ученици од 23 држави, од кои 11 балкански земји и 12 гостински учеснички, што ја прави олимпијадата една од најсилните математички смотри за млади таленти во регионот.
Особено се истакна Дамјан Чамушев, ученик во деветто одделение во ООУ „Ванчо Прќе“ од Штип, кој успеа да освои бронзен медал и со тоа достојно да ја претстави Македонија на меѓународната сцена.
Уште еден одличен резултат за штипското образование постигна и Мартин Стојанов од ООУ „Гоце Делчев“ – Штип, кој се врати од олимпијадата со пофалница за своето успешно учество.
Овие достигнувања претставуваат потврда за талентот, посветеноста и напорната работа на младите математичари, но и за квалитетната работа на нивните наставници и ментори. Успехот на Дамјан и Мартин е повод за гордост не само за нивните училишта, туку и за целиот град Штип и македонската образовна јавност.