Зоврива атмосферата пред баражите за Втора лига: Навивачите се мобилизираат, екипите со последни подготовки

ФОТО: М Нет телевизија

Овој викенд се играат бараж натпреварите за влез во Втората македонска фудбалска лига, атмосферата веќе зоврива, екипите ги прават последните подготовки, анализи на противникот, а навивачите се мобилизираат и се подготвуваат за да дадат силна поддршка од трибините за својот миленик да ја остари целта.

Три второлигаши ќе се борат за опстанок, а пак пет третолигаши сакаат влез во Втора лига за следната сезона.

Три натпревари ќе се одиграат в сабота од 16:30 часот. Во Кочани екипата на Кожуф ќе се обиде опстанокот да го избори во меч против шампионот на Трета лига – Југ. Ова е меч со карактер на финале, фаворитската улога ќе ја има екипата на Кожуф, која има далеку поголемо искуство, натпревари со далеку поквалитетни противници, посилно темпо, во однос на Борец, каде во Трета лига – Југ не може да се бара квалитет, имаше кола кога Борец беше и слободен, па играше и пријателски меч со Овче Поле со цел да има натпреварувачки ритам.

Во Кратово ќе се одигра мечот мечот меѓу второлигашот Каменица Саса и третолигашот Еуромилк ГЛ. Тимот од Горно Лисиче има одлична сезона зад себе со искусни имиња во своите редови, Трета лига – Север го има најголемиот квалитет во однос на сите третолигашки региони.

„Рударите“ ќе се борат за опстанок во Втора лига, тимот од Македонска Каменица со последни подготовки за овој бараж дуел каде во Кратово ќе оди по најважната победа сезонава со цел второлигашки фудбал да има и следната сезона во малото рударско гратче.

Единствениот меч во кој ќе се соочат третолигаши ќе биде тој во Штип каде Победа Валандово ќе игра против Камјани, шампионот на Исток против шампионот на Запад.

Двете екипи имаат речиси сличен биланс на тоа што го одиграа. Камјани зад себе има 17 победи и едно реми со два порази и освоени 52 бодови. Тимот имаше одличен гол ефект со 65 постигнати и 18 примени погодоци.

Екипата на Победа Валандово е со ефект од 15 победи две ремија и еден пораз за 47 бодови, а реализацијата е 48 погодоци со 12 примени.

Навивачите се мобилизираа и најавуваат силна поддршка за своите екипи во Штип.

Последниот бараж меч ќе се одигра в недела каде на стадионот во Ѓорче Петров ќе се соочат Тетекс кој ќе бара опстанок во Втора лига и шампионот на Трета лига – Југозапад, Влазними.

„Штофарите“ по својот кам-бек во второлигашкото друштво успеаја да стигнат до бараж позиција за опстанок, а за протовник имаат тим кој одигра одлична сезона, а во своите редови има неколку искусни фудбалери кои знаат и можат да направат разлика.

Победниците од овие четири бараж натпревари ќе бидат нови второлигаши, а поразените ќе бидат дел од Трета лига следната сезона.

Александар Ванев, М-Нет