Осуденик нападна командир во Затвор Штип, интервенирала полицијата

Во штипскиот затвор денеска се случил инцидент во кој физички бил нападнат командир на смена од страна на осудено лице, дознава М Нет-ТВ.
Според првичните информации, инцидентот се случил во момент кога командирот се обидувал да воспостави ред и да обезбеди почитување на куќниот ред во установата. При извршувањето на службените обврски, тој бил физички нападнат од осуденик.
По нападот, повредениот командир бил пренесен во Клиничката болница во Штип, каде што му била укажана медицинска помош и бил подложен на лекарска интервенција.
За случајот се известени СВР Штип, надлежното јавно обвинителство, како и останатите релевантни институции. Во тек се активности за целосно расчистување на настанот и утврдување на сите околности под кои се случил инцидентот.
Надлежните најавуваат соодветни мерки согласно законските процедури по завршувањето на истрагата.