
Само неколку дена по освојувањето на шампионската титула, ФК Вардар започнува ново поглавје. На клупата на најтрофејниот македонски клуб пристигнува аргентинскиот стратег Кристијан Фабијани, кој ќе го наследи досегашниот тренер Гоце Седлоски, актуелен селектор на македонската фудбалска репрезентација.
Од таборот на „црвено-црните“ го претставија новиот шеф на стручниот штаб како тренер со богато фудбалско и тренерско искуство, човек кој негува модерен, офанзивен и дисциплиниран стил на игра. Фабијани во Вардар доаѓа со јасна амбиција – да го задржи победничкиот менталитет и дополнително да го подигне нивото на екипата на домашната и меѓународната сцена.
„Болен сум по тактика“, е пораката со која Аргентинецот се претставува пред вардаровата јавност, најавувајќи посветена работа, силна организација и препознатлива фудбалска филозофија.
Со заминувањето на Седлоски кон репрезентативните обврски, Вардар добива нов предводник кој треба да ја продолжи успешната приказна на клубот. Пред Фабијани е сериозен предизвик – да го задржи шампионскиот курс и да ги исполни високите очекувања на навивачите.