Трајче Стојанов продава на пазар се додека не ја продаде робата и покрај лошите временски услови

На штипскиот пазар, под сивото небо и дождот, Трајче Стојанов од село Баница стои упорно зад својата тезга со домати. И покрај лошото време, тој не се откажува од продажбата, бидејќи како што вели, само со празно комбе се враќа дома. Доматот што го одгледувал со месеци под фолија сега мора да се продаде, без разлика на дождот и ветрот. За него, земјоделството е тешка, но чесна борба за опстанок и секој килограм има своја вредност.

„Треба да се сеи, да се насади и да се одгледува. Бидна, цело зимо си беше под парно. Под фолија, да, под фолија е. Природно си е. Арно е, што да правам? Се исплаќа, дома да седиш од каде ќе заработиш? Морам да ја продадам робата, што да правам? Си ставивме чадорче и ќе чекаме уштерии за да потрошиме. Не се враќаме дома без се да потрошиме. Килото го продавам по 70/80 денари, сега за сега е таа цена, понатаму ќе падне цената.“- Трајче Стојанов од ц.Баница

Под чадор на штипскиот пазар, Трајче Стојанов вели дека нема откажување и дека ќе останат додека не ја продадат целата роба.

Додека другите се кријат од дождот, Стојанов останува на пазарот, решен да се врати назад во селото со празно комбе и полн џеб.

Дајана Сандева, М-Нет