
Брегалница се врати во Првата македонска фудбалска лига, а утре после мечот со Победа ќе биде подигнат шампионскиот пехар и ќе започне славјето за враќањето на „сините“ во фудбалската елита на Македонија.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, на денешната прес-конференција на фудбалскиот клуб Брегалница, истакна дека Штип заслужува да има модерен Градски стадион, а очекува со новиот инвеститор Брегалница да биде вистински македонски бренд.
„Она што ќе биде наша цел е да дополнително допринесеме да го развиеме фудбалот во нашиот град, да ги модернизираме и подобриме условите на Градскиот стадион, овде мислам изградба на целокупниот проект за нови трибини на Градскиот стадион што е наш приоритет како локална самоуправа, бидејќи Штип заслужува да има еден модерен Градски стадион, со модерни трибини, тоа е цел кон која ќе се стремиме. Секако со она кое што го најавивме, а тоа е продажбата на дел од акциите на ФК Брегалница да добиеме партнер, спонзор кој ќе го заокружи тоа што го планираме и ќе помогне да Брегалница во Првата македонска фудбалска лига биде вистински македонски бренд“, рече Јорданов.
Во следниот период треба да следи официјализирање на продажбата на дел од акциите на ФК Брегалница, по што ќе започне и градењето на тимот за следната сезона односно „сините“ да влезат максимално подготвени за Прва лига.
Александар Ванев, М-Нет