
Со деца од сите основи и средни училишта од Штип, денес се реализираше новата спортска активност односно велосипедизмот во рамки на спортската манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“, која се реализира од страна на Сојузот на училишен спорт на Штип во соработка со општина Штип. Во оваа активност беа опфатени од 100 до 120 ученици.
„Денеска продолжуваме со „Пролетните денови на училишниот спорт“, на програмата е велосипедизам на пешачката патека. Овде се децата од сите средни и основни училишта, ги има околу 100 до 120 ученика сите на велосипед“, вели Зоран Арсов, претседател на сојузот на училишен спорт.
Оваа активност немаше натпреварувачки карактер, туку беше од ревијален карактер, а како што вели Тоше Ристов, раководител на оддделението за јавни дејности при општина Штип, целта е децата да се дружат, да возат во природата, да ја сакаат истата и да ја чуват.
„Ова е настан од програмата за спорт од општина Штип. Овој настан за првпат се организира, со помош на основните и средните училишта. Настанот не е од натпреварувачки карактер, туку од ревијален, целта е да се дружат децата да возат во природа, да ја сакаат и чуваат. Сакам да им се заблагодарам на сите наставници по спорт што ги анимираат децата, во олку голем број дојдоа на овој настан“, вели Ристов.
Учениците беа задоволни и среќни што велосипедизмот се вклучува во „Пролетните денови на училишниот спорт“, велат дека за нив ова е убаво со цел да може да се дружат, забавуваат и да возат велосипеди. Децата велат дека преку овие спортски настани ќе може да посветат повеќе време на физички активности, наместо да поминуваат време пред телефони и компјутери.
Велосипедизмот беше воведен за првпат на третото издание од оваа спортска манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“, а во следните денови ќе се реализира и планинарењето како спортска активности во рамки на овој проект, кој го реализира Сојузот на училишен спорт на Штип во соработка и поддршка од општина Штип.
Александар Ванев, М-Нет