
Денес, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, го прими младиот гимназијалец Даниел Христов, кој постигна значаен меѓународен успех освојувајќи бронзен медал на Менделеевата олимпијада по хемија – натпревар што се вбројува меѓу најпрестижните во светот и ги обединува најталентираните ученици од оваа област.
На средбата беше истакнато дека овој резултат претставува круна на неговата посветеност, знаење и упорност, но воедно и силна афирмација на Штип и државата надвор од нејзините граници. Градоначалникот нагласи дека ваквите успеси ја потврдуваат вредноста и потенцијалот што го поседуваат младите, особено во научните дисциплини.
Тој потенцираше дека локалната самоуправа ќе продолжи активно да ги поддржува талентираните ученици, преку мерки што ќе овозможат нивен понатамошен развој и напредок, како и преку соодветно вреднување на нивните резултати. Според него, вложувањето во образованието и младите кадри е вложување во долгорочниот развој на општеството.
Воедно, беше посочено дека ваквите достигнувања треба да послужат како поттик за останатите ученици да се насочат кон науката и да тежнеат кон високи резултати. Како знак на признание, на Христов му беше доделен ваучер во износ од 10.000 денари, како поддршка за неговите идни предизвици.
Инаку, годинашното издание на Менделеевата олимпијада по хемија се одржа во Москва, Русија, со учество на натпреварувачи од 39 земји, што дополнително ја потврдува тежината и значењето на овој успех. Исто така Христов беше свечено пречекан и во гимназијата „Славчо Стојменски“, со балони, насмевки и искрени честитки
Дајана Сандева, М-Нет