
Младиот штипјанец Дамјан Давков освои златен медал на првата Европска математичка олимпијада што се одржа во Вилнус, Литванија.
Со овој резултат, Давков го дели првото место во вкупниот пласман со Маргулан Шарел од Казахстан и станува севкупен победник на ова прво издание на олимпијадата.
Од Македонија, сребрен медал освои Ивано Божиновски, а бронзен Леонид Тодороски.
Во екипниот пласман, Македонија го освои шестото место според бројот на освоени одличја, зад Казахстан, Украина, Бугарија, Франција и Грузија.
Во македонската репрезентација настапија и Марко Митевски, Андреј Тасиќ и Филип Џамбаски. Тимот го предводеа Илија Јовчески како водач и Лука Хаџи Јорданов како заменик водач.
На натпреварот учествуваа 124 натпреварувачи од 19 европски земји. Европската математичка олимпијада е ново натпреварување кое се организира како бесплатен настан за европските земји, со цел да ги собере најдобрите млади математичари од Европа.
Идејата е да им се овозможи силна подготовка за Интернационалната математичка олимпијада, која е најголемото светско натпреварување од овој тип.
Годинава, светската олимпијада ќе се одржи од 10 до 21 јули во Шангај.
Успехот на Дамјан Давков, заедно со медалите на Ивано Божиновски и Леонид Тодороски, носи големо признание за македонската математичка репрезентација и за Штип.
Иван Митев, М-Нет