
Овче Поле ја освои Пирава откако во рамки на 16. коло на Трета лига – Исток славеше со 3:6 над залетаниот Ударник и со овој триумф тимот од Свети Николе се зацврстува на првата позиција и ќе чека на „кикс“ на Победа Валандово за да може да го обезбеди баражот за Втора лига.
Натпреварот во Пирава понуди девет погодоци, пресврти и атрактивни погодоци со многу шанси, но во финишот Ударник се „распадна“ откако најдобриот стрелец во лигата Тоше Манов ги реши сите дилеми.
Токму Манов имаше хет-трик, двоен стрелец беше Дарко Нацев, а еден гол беше дело на Давид Велковски, за домаќинот стрелец на сите три гола беше Марјан Костадинов.
Во Делчево беа постигнати шест погодоци за убедлива победа на Брегалница од 5:1 над Дојранско Езеро, а пак Карбинци на домашен терен загуби со 0:3 од некогашниот прволигаш Хоризонт Турново.
Трите бодови остана во Струмица, откако Тиверија со 2:1 го доби Малеш од Берово.
Во однос на табелата на првото место е Овче Поле со 37 бодови, втор е составот на Победа од Валандово со 29 бодови, но треба да се истакна дека тимот на Победа има други три натпревари помалку, кои доколку ги добие ќе се врати на првото место.
Хоризонт Турново сега е трет со 28 бодови, а пак Ударник е четврт со 26 бодови, но екипата од Пирава е со меч помалку во однос на тимот од Турново.
Делчевска Брегалница е петта со 18 бодови, Тиверија се проби до шестото место со 16 бодови, а пак Карбинци е седми со 14 бодови. Малеш е осми со девет бодови, а Дојранско Езеро е деветти со шест бодови. На дното формално откажаните Рудар од Пробиштип со два бодови и Светлост Зрновци со минус пет.
Александар Ванев, М-Нет