
Угостителите во Кочани започнаа со отстранување на летните тераси. По договорот кој го склучија со општината пред два месеци имаа рок до денеска 23 Март на сопствен трошок да ги отастранат летните тераси и просторот да го вратат во правобитната состојба, односно истиот да биде целосно исчистен и прооден за пешаци.
Согласно важечкиот законски пропис, угостителите по отстранувањето ќе може да побараат од надлежните да им одобрат користење на јавна прометна површина. Доколку добијат согласност ќе може да постават подвижна тенда-пергола, чадори, подвижни разделни жардиниери и друга угостителска опрема, но просторот нема да може да биде ограден, т.е треба да биде отворен од три страни.
Сопствениците на пицериите во Кочани велат дека ваквата одлука ќе влијае врз нивното работење, но сепак ја почитуваат истата.
Кај кафетериите стаклените делови кои се на јавна површина веќе се извадени и тие се отворени од три страни. Кај нив тендите нема да се отстрануваат.
Отстранувањето на времените градби-тераси од пред угостителските објекти освен за објектите во Трговскиот центар блок А и Б во Кочани важи и за останатите угостителски објекти на територијата на Кочани.
Инаку, Ваквата одлука за отстранување на летните тераси на угостителските објекти доаѓа под притисок на кривичната пријава што претходниот в.д градоначалник Венко Крстевски на 18 јуни лани ја поднесе до кочанското Основно јавно обвинителство.
Угостителите истакнаа дека активностите треба да завршат до крајот на неделата со што ќе продолжат со работа.
Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет